Млади активисти предводени од Швеѓанката Грета Тунберг протестираат низ цел свет. А, денес, тоа се случува и во време на корона-пандемијата, со цел запирање на климатските промени и ублажување на нејзините влијанија.
Пожари на западниот брег на САД, огромни поплави во Кина и топлотни бранови на сибирскиот арктик, се некои од природните катастрофи што периодов го погодија светот. Затоплувањето на Арктикот придонесе за драстично топење на мразот што го покрива Северниот Океан.
Ова е второ рекордно намалување на мразот во последните 40 години. Сателитски снимки од 15 септември покажуваат дека мразот зафаќа 3,74 милиони квадратни километри морска површина, што е втор пат во последните 42 години таа бројка да падне под четири милиони квадратни километри.
Поради ова, 18-годишната Британка Мија-Роуз Крег минатата недела протестираше во Арктичкиот круг, најсеверниот дел на Земјината хемисфера. Таа пристигна на работ на глечер со еколошка група на Гринпис и со бродот „Арктички изгрев“ (Arctic Sunrise).
– Сакав со свои очи да видам на што сме изложени, оти клучниот заштитник на нашата планета – Арктичкиот Океан се топи неверојатно брзо, рече тинејџерката.
Таа мина пет часа на мразот, држејќи натпис „Штрајк на младите за климата“.