Светската спортска јавност денеска е во шок по стравотната несреќа на светската шампионка Клои Дајгерт.
23-годишната Американка си дозволи преголема брзина на една удолница од патеката кај Имола, ја загуби контролата откако налета на опасен свиок, па се заби во банкината и заврши во пад од десетина метри.
Со ужасна повреда на коленото, кое практично било една голема отворена рана, Дајгерт е пренесена со хеликоптер во болницата во Болоња, каде ѝ е направена итна операција, јавуваат агенциите.
Спортскиот директор на американската велосипедска федерација Џим Милер изјави дека последиците од падот можеле да бидат уште полоши.
„Иако оваа несреќа е вознемирувачка, Клои е млада и голем борец,“ изјави Милер.
Дајгерт, која во Италија дојде да ја брани светската титула, се огласи на Твитер, велејќи дека закрепнува добро, а и дека по падот не била свесна дека е повредена, се додека не си го видела коленото, а објави и фотографија од грозоморната повреда.