Африканските држави, на третиот ден од 75-та седница на Генералното собрание на Обединетите нации, побараа финансиска помош што ќе им помогне на економиите да ја преживеат пандемијата на коронавирус. Африканските земји проценуваат дека им требаат 100 милијарди долари поддршка годишно во текот на следните три години.
На државите им треба и отпишување на долговите за да соберат повеќе средства за борба против вирусот и други смртоносни болести како маларија и ХИВ.
Африка досега, со 1,4 милиони заразени со коронавирус, ја избегна најлошата прогноза.
Шефовите на држави во Африка повикаа на поголема помош за регионот, но се согласија дека самите држави мораат да сторат повеќе за надминување на кризата предизвикана од пандемијата.
– Треба јасно и едноставно да се отпише долгот, рече претседателот на Нигер, Махамаду Исуфу.
Претседателот на Брегот на Слоновата Коска, една од најбрзо растечките економии во светот пред пандемијата, повика на продолжување на мораториумот на исплатата на долгови.
– Ги повикувам сите африкански партнери да преземат похрабри мерки,, рече Аласан Уатара, истакнувајќи дека земјата инвестирала пет проценти од својот бруто домашен производ (БДП) во борба против коронавирусот и санирање на економските последици.
На посебен состанок, претставниците на Светската здравствена организација (СЗО) соопштија дека само 51 процент од здравствените установи во субсахарска Африка имаат пристап до вода.