Двајцата главни извршители на ликвидацијата на петтемина кај Смилковско езеро е можно да не бидат екстрадирани ако им успее обидот да извадат косовско државјанство.
Ваква опција е во тек и затоа неколку месеци се одолговлекува нивната испорака од Приштина во Скопје. Адвокатите Бесник Бериша и Насер Рауфи не сакаат да коментираат дали двајцата поднеле барање за државјанство, но неофицијално А1 ОН дознава дека оваа опција не е исклучена.
Според договорот за екстрадиција меѓу двете држави е предвидено да се испорачуваат граѓаните кои сториле кривични дела. Во моментов Исмаиловиќ и Демири се обвинети за нелегално поседување оружје кое им беше откриено при апсењето од косовската полиција, но делото кое го извршиле во Македонија е потешко и затоа треба да одговараат во скопскиот суд.
Дури постои можноста и за оружјето да им се суди во Македонија паралелно со петкратното убиство. Друга опција е таму да им се пресуди а казната да ја издржуваат во Скопје за да можат да се појават на судењето за Смилковско езеро.
Но доколку се оствари нивниот обид со државјанствата можно е косовските влати воопшто да не ги испорачаат во Македонија. Братот на Алил Демири кој се појави како сведок во процесот изјави дека не знае дали брат му има косовски пасош и дали покренал постапка да извади државјанство за да се заштити.