Подготвеноста на државата и институциите за справување со евентуален нов кризен бран предизвикан од епидемијата на коронавирусот беше меѓу темите на дискусија во рамки на 11-тата по ред Меѓународна научна конференција „Евроатланските вредности на Балканот“ што во организација на Факултетот за безбедност од Скопје и германската Фондација „Ханс Зајдел“ од денеска се одржува во Охрид.
Спроведеното научно истражување од страна на експерти на Факултетот за безбедност уште при првото соочување со феноменот на светска пандемија на Ковид-19, воведувањето на вонредната состојба во услови на техничка влада и распуштен парламент, ги извади на површина сите слабости во изградбата на политичкиот систем во земјата изминатите три децении.
– Невложувањето во сите системи односно посветеноста само на прашањата поврзани на промена на сопственоста и развојот на претприемништвото укажа на потребата од повнимателна, продлабочена анализа на тие процеси. Спроведените истражувања ги констатираа невралгичните точки на системот, со предлози до државните органи за пристапување кон отстранување на слабостите констатирани во пандемијата. Една од најголемите слабости во општеството е констатираната мала доверба на граѓанството во институциите, што е последица на долгото дезавиурање на институциите. Најавениот процес на обнова на институциите на системот не се спроведуваат со посакуваната динамика туку инстуциите повеќе или помалку ги повторуваат истите грешки по односните прашања, истакна Цане Мојаноски, професор на Факултетот за безбедност.
Според професорот Мојаноски, токму тие недоследности водат до случаи луѓе да не носат маски, не почитуваат прописи, не веруваат во информациите, последица на нивните стекнати уверувања дека не секогаш институциите им ја соопштуваат вистината.
– Во цивилното општество се забележува поведение во кое верските заедници го прогласуваат вирусот мртов, да укажуваат дека коронавирусот е некаква божја сила. Таков е општиот однос на граѓаните кон авторитетот на институциите. Втор проблем е уверувањето кај граѓанството дека државата припаѓа на некојдруг, најчесто на носителите на власта. Тоа се елементите кои во општественото живеење наметнуваат потреба од долгорочна стратегија, во менување на концептот на државата, во однос на организирањето на цивилната заштита, начинот на кој ќе го подготви граѓанството да се справува со сложени ситуации и слично. Ниту една институција, државен орган во земјата со исклучок на Министерството за здравство за време на карантинот не излезе со конкретни мерки за справување со последиците од пандемијата. Тоа се дел од лекциите што треба да се научат во областа на општествената организираност и цивилното живеење, рече тој.
Професор Мојаноски изрази уверување дека комплетната институционална рамка во државата заедно со искуствата, како домашни така и светски, ќе придонесе за подобрување во начините на справување со евентуален втор бран од постоечкиот здравствен проблем.
Професорот Марјан Ѓуровски посочи на потребата од преземање активности за спречување евентуален втор бран на епидемијата од здравствен да прерасне во безбедносен ризик, непосредно негативно да влијае врз економската безбедност и загрозување на основните човекови права и слободи. Ѓуровски укажа дека се примената на научените лекции од изминатиот период, во однос на полицискиот час, законското нормирање и донесување одлуки во кризна и вонредна состојба.
– Точно три месеци поминаа од вонредната состојба воведна поради епидемијата. Во периодот оттогаш досега воопшто не се направи ниту подготовка ниту се отвори дебата за пакетот законски решенија што треба да се донесат во насока на подготвеност на безбедносниот систем за справување со евентуален нов бран на епидемијата. Нужно е потребно заокружување на клучни законски решенија, законот за вонредна и воена состојба да се донесе на јасен и транспарентен начин и преку тој механизам да се намалат можни негативни последици, како слабостите евидентирани изминатиот период во делот на субординацијата на безбедносните институции, улогата на армијата во поддршка на полицијата…, рече Ѓуровски.
Меѓу другите фактори што можат негативно да влијаат врз безбедноста на собирот беа посочени новите безбедносни предизвици и асиметрични закани, безбедноста помеѓу стратегиите и црвените линии на Балканот, потоа за заканите и отворените прашања на Балканот како нови предизвици за безбедноста, современи форми на криминал како глобална закана, зајакнување на капацитетот на малите држави и капацитетите за борба против корупцијата и организираниот криминал.
Како прашање од огромна важност за националните интереси на државата беше потребата од отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Од аспект на процесот на европска интеграција на државата беше посочено на потребата од внатрешно и надворешно помирување, меѓу граѓанството внатре во земјата така и надминување на отворените прашања во односите со соседите. Тука беше нагласен приоритетот од утврдување национална стратегија, со јасни позиции независно која политичка партија ја има власта во државата.