Јанакиески ќе бара да биде дел од листата на оштетени во предметот за прислушкувањето, во кој обвинети се Мијалков и Јанкулоска

Од:

Миле Јанакиески ќе достави барање до Кривичен суд за да биде додаден во листата на оштетени во предметот „Таргет-Тврдина“ за нелегалното прислушкување во периодот меѓу 2008 и 2015 година, каде обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска како и лица вработени во УБК. На овој начин, Јанакиески се приклучува кон прогонот на обвинетите во случајот. За него, во СЈО има над 80.000 снимки во кој се слуша како разговара со различни луѓе, а дел се и јавно објавени на прес-конференциите кои ги одржуваше СДСМ.

„Многу логично е тој да биде еден од првите кој е во тој предмет оштетен, бидејќи Миле Јанакиески е во 90 отсто од материјалите кои се предадени во СЈО“, вели кратко адвокатот Еленко Миланов за „А1он“.

Освен Јанакиески, барање до судот за да биде оштетена во процесот поднела и Гордана Јанкулоска преку нејзините бранители.

„Се додека е доказна постапка, може да се поднесе барање за оштетени во постапката. Обвинета сум во предметот ‘Тврдина’, а барањето е за предметот ‘Таргет’“, вели кусо Јанкулоска за „А1он“.

Судскиот процес го води судијата Џенета Бегтовиќ, додека обвинението е застапено од обвинителската тројка Трајче Пеливанов, Ленче Ристовска и Артан Ајро.

Судењето по предметот „Таргет-Тврдина“ е започнато на 22 декември 2017 година и се наоѓа во фаза на доказна постапка.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Мијалков утрово го напушти струшкиот затвор, бил примерен затвореник

Јанакиески излегува во јуни, за Мијалков ќе одлучува Кривичен

Ослободителна пресуда за Мијалков и Јакимовски за „Трезор“

Анита Петровска Рајковиќ

Во Кривичен пресуда за Трезор

Повторно ќе се продава имот на Сашо Мијалков, државата очекува два милиона евра од плацевите на Водно

Катерина Ѓуровски