Ars longa, vita brevis – Уметноста е долга, а животот краток – Вака вели стара поговорка која се препишува на Хипократ, преведена на Латински, која ја велича уметноста и ја става над животот. Несакам да не верувам дека уметноста не е вечна и дека не е над животот. Таа сама по себе зборува многу повеќе одошто човечкиот ум е способен да ја прими доживее и преработи, но зборува за некое минато време, за нештата кои веќе не се враќаат, за пораките пратени кон идните генерации, иднината да ни биде поубава.
Уметноста која денес се твара во наша држава зборува за нешто друго. Ние живееме во држава во која во моментот се е фрлено на една карта – на уметноста. И додека економијата ни е на колена, економскиот раст во опаѓање, земјоделие на ниски гранки, земјоделско производство паѓа а растат исплатените субменции (и тоа во предизборието) нешто што никому не може да му биде разбирливо, дефицит во производство на електрична енергија и зголен увоз на истата, пад на индустриско производство и пораст на цените, пад на стандардот на граѓаните, зголемување на задолжување за справување со буџетски дефицит, а само уметничкиот проект Скопје 2014 не само што незапира туку поприми мегаломански димензии, и од проект планиран да чини околу осумдесетина милиони евра во својот зачеток пред само четири години сега стаса до озваничени преку двесто милиони евра и тоа уште не како конечна бројка, а според новинарски истражувања проект кој веќе ја надмина бројката од половина милијарда евра.
Можеби граѓаните не ја разбираат најдобро уметноста, но како што и самата поговорка кажува, разбираат дека животот е краток и затоа се против енормно трошење на буџетски пари за еден непродуктивен а капитален проект кој можеби во целава ситуација ќе не одвлече на погрешен колосек и може многу скапо да не чини.
А како на нас гледаат странските потенцијални инвеститори од кои бараме да инвестираат кај нас во производство, кога во ист момент ние парите собрани од граѓаните наместо во продуктивни капитални инвестиции ги вградуваме во бронза, железо, мермер, бетон и малтер по многукратно повисоки цени одошто светскиот пазар реално ги нуди, и тоа во споменици, скулптури, огради барокни фасади и што уште не под име на уметност, кое патем речено и неможе да се каже што е реална цена, а се тоа со цел поубаво да живееме.
Па зарем во овој наш кус живот треба некој да си игра со нас граѓаните како да сме во робовладетелство. Зарем само формална покриеност со законските процедури во трошењето на нашите пари треба да го проголтаме како демократска придобивка од транзицијата во нов повеќепартиски систем. Зарем ние се друго решивме, и сиромаштија и невработеност, изградивме патишта, ги регулиравме речните корита, изградивме електроцентрали и тоа од обновлива енергетска база, ги решивме проблемите во здравство, во образованието, го издигнавме спортот на високи гранки, ги решивме сите проблеми на пензионерите и на децата од претшколска возраст, се здобивме со висок животен стандард и сега ни остана само да изградиме што повеќе споменици и други уметнички зданиа за да се насладуваме во нашите безгрижни часови во слободното време.
Погледајте и на вистината во очите. Државата се уште егзистира со привремено име (референца), а изгледа дека за тој проблем повеќе грижа води ваш коалиционен партнер кој се растрча на сите фронтови со цел за поскоро затварање на спорот и давање шанса државата да се интегрира во НАТО и доближи до ЕУ. А за жал нам ни стигнуваат информации дека државата ја напуштиле преку 230.000 воглавном млади лица, се иселиле трајно поради економска принуда, безперспективност, политизираност и нефункционирање на правна држава. И овој податок за вас не претставува аларм за погрешно чекорење на државната политика која ја водите.
Наталитетот е во колапс, младите не создаваат семејства заради совесно размислување за превземање на обврските кои треба да ги исполнат со формирање на семејство и добивање на пород, во услови кога немаат работа и немаат од што да егзистираат. За се ова не барајте кривица надвор од системот, ни во простор ни во време. Вие што сега не водите, што се удирате во гради дека граѓаните ви ја дале довербата, не ги поценувајте истите. На нас граѓаните ни е сосема јасно зошто ви е најбитен проект Скопје 2014.
Затоа што само со таа така наречена уметничка компонента која сте ја вградиле, можете да испумпате милиони евра собрани од граѓани кои ќе завршат на вашите приватни или партиски сметки, а граѓаните за жал тешко ќе можат да докажат дека се измамени. Размислете за уште една работа, целиот проект се финасира од сите граѓани на Р.Македонија, а се гради само во Скопје и за вас тоа е во ред?
Поимот идентитет, веројатно притоа мислејки на етнички, Македонски, многу го експлоатирате како политичка потреба за позиционирање во владеењето. Македонски индентитет никогаш не бил спорен . Самото постоење и барање за самоорганизирање како држава е доволно за да некој не прифати дека постоиме, па и ако сака да не негира, со смиот чин на преговарање ни дава доказ дека постоиме, дека сме стварност. Идентитет може да го гледате како имагинарен и како стварен, но во политиката можете да го користите само за политички маркетинг, а не како елемент за преговори. Немојте да не лажете дека ние постоиме а некој не може тоа да го види. Фокусирајте се на вистински проблеми, решете ги, и граѓаните ќе ве доживеат како вечни споменици.
Државата ни е на крстосница да се биде или не а вас ви е најбитен проектот Скопје 2014. Незапирливо го остварувате, со уверение дека ќе биде ars longa но помислете барем за миг и на нас граѓаните на кои им останува vitа brevis
Мирослав Трлин, член на ЦО на НСДП