Фудбалската федерација на Македонија во соработка со УЕФА преку „Хет-Трик“ програмата за развој на фудбалската инфраструктура, на својата веб-страница го претстави идејното решение за Западната трибина на Градскиот стадион во Штип.
– Новиот стадион нѐ само што ќе стане пристоен дом за штипската гордост, ФК Брегалница, туку би бил и прилика за македонската репрезентација да биде домаќин на важни квалификациски натпревари. Во проектот финансиран од Фудбалската федерација на Македонија предвидено е западната трибина да има капацитет од 2.000 седишта, ВИП ложа и ресторан, простор за медиуми и за лица со инвалидитет, а во поттрибинскиот простор соблекувални и простории за службени лица по стандардите на УЕФА и ФИФА, објави ФФМ.
Федерацијата финансираше и модернизација на други стадиони низ државата. Стадионот во Прилеп веќе доби нова тревна подлога (тревни бусени) со модерен дренажен и систем за наводнување на стадионот, а поставено е и целосно ново рефлекторско осветлување.
Во тек се градежни активности и изградба на нова трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, a после 30 години, Градскиот стадион во Кавадарци ќе добие потполно нова слика. ФФМ целосно реконструира две трибини (јужна и источна), а со кровна конструкција ќе биде покриена јужната трибина.
Во најскоро време, целосно ќе се заврши и ќе биде пуштена во употреба новата трибина на стадионот во Чаир, потоа целосно ќе го заврши и новиот терен на стадионот на ФК Ренова во Џепчиште. Еден од покрупните проекти кој се очекува да се финализира е стадионот во Битола.