Поранешните премиери на Велика Британија Тони Блер и Џон Мејџор го критикуваа планот на актуелниот шеф на британската Влада Борис Џонсон дека, за да ги заштити своите трговски интереси, Велика Британија крши дел од договорот со Европската унија за Брегзит.
Во заедничкиот коментар објавен во „Сандеј Тајмс“, Блер и Мејџор ги опишаа ваквите намери како шокантни, нагласувајќи дека Британија ќе го изгуби кредибилитетот во светот со толку очигледно непочитување на своите меѓународни обврски, пренесува порталот Политико.
Блер е лабурист, додека Мејџор доаѓа од редовите на конзервативците, каде припаѓа и Џонсон, а планот на сегашниот премиер беше критикуван и од неговата непосредна претходничка Тереза Меј, која исто така е член на Конзервативната партија.
Доколку Владата не го почитува владеењето на правото, на тоа ќе треба да ја присили парламентот, сметаат Блер и Мејџор, кои беа поборници за останување на Велика Британија во ЕУ.
Британската Влада во средата до британскиот Парламент поднесе предлог-закон со кој делумно се поништува веќе потпишаниот договор за одвојување на земјата од ЕУ, што се смета за кршење на меѓународното право, факт што го призна и самиот британски премиер Борис Џонсон.
По официјалното излегување на Велика Британија од ЕУ, на 31 јануари годинава, оваа земја и ЕУ почнаа преговори за нивните идни трговски и безбедносни односи. Меѓутоа, преговорите тапкаат во место и се чини дека ќе биде тешко да се постигне трговски договор меѓу двете страни за да се избегне повторно воведување тарифи.
Договорот треба да биде постигнат до крајот на годината, се додека трае преодниот рок, за време на кој Велика Британија се уште ги применува регулативите на ЕУ, иако официјално ја напушти Унијата.