Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудува нападот кон новинарската екипа на Ал Џезеира на протестот во Скопје, организиран од политичката партија ВМРО – ДПМНЕ.
„Новинарката Милка Смилевска и снимателот Јорде Ангеловиќ се нападнати додека ги извршувале своите професионални обврски, што е незамисливо во една демократија. Толеранцијата на вакви напади и спречувањето на медиумските работници да си ја вршат својата работа носи ризик тие да се повторат и да се засилат, со што не се загрозува само безбедноста на колегите, туку и елементарното право на граѓаните да бидат вистински информирани“, се вели во реакцијата на СЕММ.
Тие бараат од институциите итно расветлување на инцидентот и одговорност за напаѓачите, а од партиите поголема одговорност во спречувањето на говорот на омраза и делата што произлегуваат од него.