Резервите на злато на Албанија на крајот од јули достигнале рекордна вредност од 147 милиони евра, соопшти централната банка на земјата.
– Статистичките податоци на Централната банка покажуваат дека резервите на злато се зголемени за 73 отсто во споредба со пред една година. Зголемувањето на вредноста на златото произлезе истовремено од проширувањето на инвестициите на Централната банка во овој инструмент, но и од растот на цената на меѓународните пазари, наведува „Монитор“.
Се додава дека според официјалниот курс на Банката на Албанија, во периодот јули 2019 година – јули 2020 година, вредноста на златото е зголемена за околу 32 отсто и ова е профитабилно како инвестициски инструмент на девизната резерва на земјата.
-Кризата со Ковид-19 и „потопувањето“ на пазарот на ликвидност за да ѝ се помогне на економијата ја зголемија побарувачката за благородни метали, коишто инвеститорите ги сметаат за побезбедни средства за зачувување на вредноста во време на криза. Монетарното злато сега сочинува 3,6 отсто од девизните резерви на земјата, додека во мај тоа ја достигна највисоката специфична тежина забележана досега, со 3,9 отсто. По силното зголемување на девизната резерва од фондовите на еврообврзницата во јуни, специфичната тежина на златото доживеа мало намалување,оценува „Монитор“.
Според неделникот, еврообврзницата предизвикала девизните резерви на земјата во средината на оваа година за првпат да ја надминат границата од 4 милијарди евра. На крајот на јули, вредноста на резервните средства била 4,12 милијарди евра или приближно 32 отсто од бруто домашниот производ.
Сепак, зголемувањето на толку високи нивоа се очекува да биде привремено, бидејќи дел од еврообврзницата ќе се искористи за отплата на обврзницата од 2015 година, која доспева наесен, додека остатокот ќе биде наменет за програмата за санирање на последиците од катастрофалниот земјотрес и покривање на буџетскиот дефицит.
-Во текот на последните пет години, девизните резерви на Централна Банка на Албанија пораснале за 56 отсто. Зголемувањето беше направено главно преку набавка на валута на домашниот пазар. Главната цел на девизната резерва е да ги задоволи итните потреби на економијата за девизи, но и да ги ублажи евентуалните шокови што можат да влијаат на финансиската стабилност на земјата, заклучува во својата анализа „Монитор“.