Разрешување на судии, кратење на јавната администрација и минимална плата од 20.000 денари, најави Заев

Од:

Со едночасовен говор во Собранието мандатарот Зоран Заев ја претстави програмата на владата за наредните четири години. Тој вети разрешување на судии, кастрење на државната администрација, зголемување на платите и пензиите, намалување на даноците, намалување на невработеноста до едноцифрена бројка, нови инвестиции во здравството, во инфраструктурата, бескомпромисна борба за животната средина и максимална посветеност на влезот во ЕУ.

Една од главните планирани реформи, без која не би можеле да се спроведат останатите, Заев најави дека е вистинска реформа во правосудството.

„ Доаѓа време на реправда и дисциплина, време на почитување на правосудството и неселективно владеење на правото со целосно прочистување на правосудниот систем, првиот чекор е веќе направен. Државната комисија за спречување на корупцијата ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители, а Судскиот совет прави детална проверка на работата на судиите, особено по застарени предмети со одлагање или заобиколен или прекршен Закон. Судиите, за кои ќе се докаже дека свесно и намерно застарувале предмети, ќе бидат разрешени. Има ревизија на судските предмети од пет отсто кои ќе бидат избирани по случаен избор“, рече Заев и нагласи дека предметите на СЈО мора да добијат разрешница.

Посветеноста на борбата против корупцијата на новата влада Заев смета дека се гледа и во тоа што веќе воспоставиле систем за проверка на потекло на пари и капитал кај секој функционер, а за првпат се поставува и вицепремиер за борба против корупција кој ќе биде задолжен да ги координира напорите на институциите за борба против криминалот и да алармира за можна корупција на високи функционери и администрација.

Планот на новата влада е за време на кризата, за која очекуваат да трае во следните 6 – 8 месеци, да ја одржат минималната плата од 15.500 денари како и задржување на работните места, а по пандемијата предвидуваат платите да растат.

„Нашиот план е минимална плата од 20.000 денари и 34.000 денари просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат“, рече Заев.

За дваесет отсто Заев најави дека ќе се намали јавната администрација, а довербата на граѓаните во јавната администрација вели дека ќе настојуваат да ја вратат на ист начин како што се вратила довербата во здравствените институции.

„ Следува период на структурни реформи во јавната администрација за да стане уште поефикасна и граѓаните и стопанството во неа да препознаат силен и доверлив партнер. Ако можевме да стекнеме доверба во здравствените работници, следејќи ги нивните напори и пожртвуваност, убеден сум дека по тој пример целата државна администрација може да даде максимум. Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за околу 20 % преку спојување функции и надлежности на институциите, задолжително пензионирање на 64 години, пакети за трансфер во приватниот сектор или предвремено пензионирање“, објасни Заев.

Во програмата на владата е изградба на инфраструктура низ целата држава, училишта градинки, нов клинички центар , опремување на сите одделенија за интензивна нега со модерна опрема. На меѓународен план Заев се обврза во следните 4 години да отворат 80 отсто од преговарачките поглавја за влез во ЕУ, а за 6 години цеолосно да бидат затворени поглавјата.

Домашните и странските инвестиции новата влада ќе ги поддржи со 300 милиони евра од домашниот буџет и 300 милиони евра од европски фондови.

За да може успешно да ги реализира сите предвидени реформи Заев побара од пратениците полн четиригодишен мандат.

Предложените министри Заев ги претстави како одговорни, угледни личности, мотивирани посветено да работат.

Собранието треба да ја изгласа новата влада најдоцна до утре на полноќ.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Нема да успеат, Србија нема да застане

Брнабиќ: Погазувајќи го достоинството на Собранието, се радуваат оние кои не сакаат просперитетна Србија

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет