Потпретседателот на италијанскиот фудбалски клуб Милан, Адриано Галијани, изјави дека клубот ќе го казни Марио Балотели со парична казна поради тоа што го соблече дресот на натпреварот на 35 коло на Серија А, против Торино минатата недела.
На средбата Балотели го постигна победничкиот гол за Милан во 84 минута и тоа го прослави со соблекување на дресот и заработи жолт картон.
Галијани го пофали Балотели за добрата игра, но и додаде дека поради ноншалантно добиената јавна опомена ќе биде санкциониран.
– Не е прифатливо тоа што го направи. Ќе го почувствува тоа на крајот од месецот кога ќе ја земе својата плата – рече Галијани.
Елена Георгиевска