Во манастирот „Св. Пантелејмон“, кој се наоѓа во непосредна близина на селото Брест, денес по 19 пат се одржа традиционалната велигденска средба на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија.
Претседателот на здружението на „Македон“, Јованов Ташко, истакна дека по повод 100-годишнината од потпишувањето на Букурешкиот договор,Здружението ќе организира поголем број манифестации со цел да се привлече вниманието на меѓународните организации и да се актуализира прашањето за судбината на децата – бегалци, кои пред 70 години беа протерани од Грција. Ташков уште истакна дека решавањето на проблемот со името би дал позитивен исчекор во однос на прашањето за враќање на државјанствата и имотите на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, најави дека во август ќе се одржи Генерално собрание на кое ќе се упати барање за осуда на геноцидот врз македонското население во далечната 1913 година.
Во текот на оваа година ќе се одржи комеморативна академија посветена на споменот за поделбата на Македонија и македонскиот народ и помен за жртвите од геноцидот во 1913 година.
На средбата присуствуваа и повеќе политичари од Штип, а свое обраќање пред посетителите имаше и градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев, кој истакна дека Општина Штип и понатаму ќе го помага здружението „Македонски Егеј“ од Штип.
На оваа манифестација присуствуваа околу 500 деца -бегалци од Егејска Македонија, како и нивни роднини и пријатели. Оваа средба беше збогатена и со настапот на членовите од културно-уметничкото друштво „ Ристо Донев- Учителот“ од Штип.