Почнува судењето за актерката Силвија Стојановска и нејзиниот екссопруг, Воислав Будисављевиќ кои се обвинети за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, откако судот го прифати обвинението на Обвинителството во кое се товарат дека зеле учество во купување и продавање на дрога – кокаин во вкупна количина од близу 700 килограми.
Утре, Обвинителството и обвинетите треба да ги дадат воведните зборови пред судот. Актерката и нејзиниот ексспоруг, според обвинителниот акт, организирале сместување, купување, превезување на дрогата од Мадрид и барале купувачи за истата.
„За да не бидат откриени во нивните постојани активности, обвинетите меѓусебно комуницирале со користење на енкрочат телефонски мобилни уреди, како и енкрочат мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање на евентуална полициска инсталација и на дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки – инхибитор“, велат од Обвинителството.
Судот претходно го прифати барањето на Обвинителството и ги продолжи мерките за обезбедување на присуство за двајцата обвинети. Актерката Стојановска веќе неколку месеци се наоѓа во куќен притвор, а пак, Будисављевиќ во притвор. Двајцата беа приведени на крајот од месец декември минатата година.
Ќерката на Силвија Стојановска, Јана Стојановска Бојиќ, која стана позната во култната серија „Сенки над Балканот“ тврдеше дека нејзината мајка нема никаква врска со шверцот со дрога.