ВИДЕО: Лидер на групата за шверц на кокаин од Колумбија бил сопругот на актерката Стојановска, таа резервирала и платила хотел во Мадрид

Од:

Акцијата која заврши со апсење на актерката Силвија Стојановска и уште четири лица за шверц на 700 килограми кокаин вреден 20 милини евра, почнала во јули годинава. Координирано работеле полициски единици од Македонија, Шпанија и Колумбија во координација со службата за борба против дрога на САД, ДЕА, објасни денес Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Актерката, нејзиниот сопруг В.Б. и неговиот брат, кој има исти иницијали В.Б., се дел од организирана криминална мрежа која договорила набавка на кокаин во Колумбија, го пренеле преку Атлантскиот океан во Шпанија, го сокриле во магацин во Мадрид и договориле негова продажба.

„Членовите на меѓународната организирана криминална група, на лице идентификувано како капетан на брод му исплатите парични средства во вкупен износ од 850.000 евра како дел од сумата договорена за извршување на транспортот на кокаинот од Колумбија до Шпанија. Лидер на оваа група е првопријавениот В.Б. кој заради впишана забрана за патување во земјите од Европската Унија, го ангажирал неговиот брат В.Б. резидент на Белгија со кого остварувал редовни контакти и средби во Скопје и во период јули декември ги договарале чекорите за пренесување и дистрибуција на кокаинот. Откако биле договорени сите детали на преземањето на дрогата кокаин во Мадрид, Шпанија, на почетокот на декември, пријавената С.С. по инструкции на нејзиниот сопруг В.Б. направила резервација на апартман во Мадрид на име на неговиот брат В.Б. и истата го платила со сопствена кредитна картичка. Исто така С.С. во месец октомври 2019 година, отпатувала за Мадрид преку Софија, за во име на нејзиниот сопруг В.Б. од н.н. шпански државјанин да подигне износ од 10.000 евра, најверојатно поврзани со криминални активности на оваа криминална мрежа“, информираше министерот Спасовски кој нагласи дека македонските полицајци имале клучна улога во идентификување на лицата од криминалната група.

На денот на преземањето на кокаинот, 18 декември 2019 година, во симултана операција во Шпанија и во Северна Македонија, апсењето на лидерот на групата во Македонија било реализирано веднаш по апсењето на неговиот брат и двајца шпански државјани во Мадрид од страна на шпанската полиција, во момент кога дрогата од магацинот била ставена во комбе.

„Карактеристично за оваа криминална група е тоа што комуникацијата се одвивала со лични и непосредни средби остварени помеѓу членовите и тоа во Скопје-Македонија, Мадрид-Шпанија, Белград-Србија, Дубаи, Канкун-Мексико и Картагина-Колумбија и преку интернет комуникација со висока заштита“, рече министерот Спасовски.

На 19. Декември 2019 година Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал поднесе кривична пријава против две лица и тоа В.Б. (54) од Скопје и неговата сопруга С.С. (59) од Скопје за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни суспстанции и прекурсори.

Маја Коневска обвинителка во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во Скопје објасни дека на 19 декември донела наредба да се спроведе истрага против две лица, македонски државјани поради сомневање за извршено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори.

„Она што направивме за да ја потврдиме основаноста на сомнението беше да се побара од судија на претходна постапка наредба да се изврши претрес. Претрес е извршен на две локации во
Скопје од кои што едната локација е местото на живеење на двајцата обвинети. При претресите пронајдени се докази кои што се доволно силни за до овој момент да се потврди основаноста на сомнението“, рече обвинителката Коневска.

Таа најави дека на координативни средби со колегите од Шпанија, и од сите останати земји од каде што потекнуваат сторителите на кривични дела ќе ги разгледаат доказите и ќе заземат заеднички став како понатака ќе се одвива истрагата.

„Истрагата треба да ги дооткрие сите сторители учесници во ова кривично дело, треба да прибави доволно докази на законски начин, доказите после тоа ќе бидат разменети врз основа на законот за меѓународна соработка во кривична материја. Сето тоа треба да даде една јасна претстава за тоа што се случило, кој од сторителите какви дејствија има преземено, каква улога има во самата структура на организираната група“, рече обвинителката Коневска.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и понатаму презема истражни мерки и активности во рамки на оваа меѓународна акција. Министерот Спасовски објасни дека постојат индиции за вмешаност на уште еден турски и уште еден грчки државјанин за кои дополнително ќе се утврдува поврзаноста со активностите на оваа група.

Би можело да ве интересира

Актерката Стојановска да остане во куќен притвор, нејзиниот партнер во притвор, бара Обвинителството

Институциите молчат за дрогата и улогата на актерката Стојановска во трговијата

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) Актерката Стојановска на прашање дали тргувала со дрога: Боже, боже

Кристијан Ландов

Актерката Силвија Стојановска доби 30-дневен куќен притвор

Кристијан Ландов

Приведена позната македонска актерка во врска со заплена на дрога

Татјана Ташкова