Министерството за образование и наука распиша конкурси за доделување стипендии за прв циклус (додипломски) и за трет циклус (докторски) студии во странство за академската 2020/2021 година. Рокот за аплицирање за стипендиите е до 15 септември.
За стипендиите може да конкурираат студенти примени на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектура, градежништво, математика, меѓународно право, економија и финансии, физика, биологија, хемија, медицински науки и генетика, според последнoто рангирање на Шангајската листа на Центарот за универзитети од светска класа при Универзитетот Џио Тонг.
Според конкурсите, за двете категории стипендии на корисникот му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 американски долари годишно, исплатени во соодветна валута, според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на објавувањето на конкурсот, авионски билет на почетокот на студиите и авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет. Секој износ над предвидениот за уписнина е на товар на студентот.
Месечната стипендија се исплаќа согласно со Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за 2020/2021, врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци на Обединетите нации.
Во Конкурсот се наведени условите кои треба да ги исполнува кандидатот, документите што треба да се поднесат, како и обврските кои корисниците на стипендијата ќе ги имаат кон нашата држава по враќањето од студии. Во објавените конкурси е достапно и Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија за студирање во странство, а може да се преземат и пријавите за аплицирање.
Меѓу условите за стипендијата за трет циклус (докторски) студии во странство е кандидатот да не е постар од 35 години, да има објавено најмалку три научно-истражувачки труда во последните три години во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации од научната област на која се однесуваат докторските студии и да има работно искуство од најмалку две години во научно-истражувачка или високообразовна установа или стопанството, на работни задачи поврзани со научната област на студиите.
Рокот за пријавување на кандидатите е најдоцна до 15 септември 2020 година. Документите треба да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука, ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје, со назнака за соодветната стипендија.
За конкурсот за втор циклус (магистерски) студии во странство за 2020/2021 кој беше објавен во февруари, МОН неодамна објави дополнување со кое во областите за кои Министерството доделува стипендии за академски студии од втор циклус се додава и областа образование.