Архитекти и скопјани: Она што е Ајфеловата кула за Париз, за Скопје е Универзална сала

Од:

Група архитекти и жители на Скопје бараат градоначалникот Петре Шилегов да го смени планот за уривање на Универзална сала, да го обнови не само објектот туку и фонтаната и платото пред салата. Тие укажуваат дека значењето на Универзална е преголемо за градот и за државата за да се избрише со нејзино уривање.

„Господине Шилегов и другите одговорни за ’Универзална сала’, не правете капитални грешки, оставете ја Универзална да си ја врши својата дејност! Не помислувајте да ја рушите. Она што е Ајфеловата кула за Париз, за Скопје е Универзална сала. Таа е  симбол на градот Скопје и треба да се стави под заштита на државата!“, порачуваат архитектите и жителите на Скопје.

Тие сметаат дека објектот може да биде пуштен во употреба за кратко време, а затворањето на салата во 2015 година го сметаат за измислен инцидент.

Парче од таванот на салата падна на столчињата по завршување на трибината на СДСМ на 10 март 2015 година

„ До 2015 година Универзалната сала нормално функционираше. По големиот собир во 2015 година во Универзална кога првпат ги слушнавме нелегално снимените разговори (’бомбите’ на Заев) се измисли некој ’инцидент’ со кој салата се прогласи за небезбедна и се забрани нејзината работа. Иако од 2015 година до 2020 поминаа 5 години и работата на реконструкцијата не се доврши, сепак, објектот може да биде пуштен во употреба за кратко време. Сите овие години Универзална беше хигиенски одржувана, а во малата сала над влезниот хол се одржуваа и часови по глума за деца и младинци.  Една од работите која треба да се осмисли е платото пред Универзална, обновување на фонтаната, како и  хортикултурното уредување на просторот….“, сметаат архитектите и жителите на Скопје.

Групата архитекти и жители на Скопје потсетуваат дека Универзална сала е изградена 1964/65 г. од хуманитарната помош на 37 земји, во знак на солидарност за Скопје, по катастрофалниот земјотрес во јули 1963 година. Објектот е изграден по сите стандарди за ваков вид објекти, со стабилна носечка челична конструкција, во кружна форма, за приближно 1200 – 1400 гледачи, со вентилација – климатизација и сите други барања за заштита од пожар, земјотрес и слично. Локацијата на салата е свесно избрана во централното градско подрачје, на булеварот  Партизански одреди и тогашната улица “29 Ноември“. Универзална со годините стана позната по одржување на многу манифестации: Скопски фестивал, Мајски оперски вечери, Златно славејче, Џез-фестивал, концерти на многумина пејачи од целиот свет, натпревари по танц, драмски претстави и многу други културни манифестации, а таму се одржуваа и партиски конгреси и се носеа историски одлуки.

„Во меѓувреме од големата локација на/за Универзална беше одземен поголем дел за изградба на приватен деловен објект, но и катна паркинг – гаража за потребите на Универзалната сала. До 2015 година се менуваа многу директори и градоначалници на Скопје, и на секој од нив функционирањето и одржување на Универзалната сала како значаен симбола на градот им беше голем адут во програмите за работа“, велат архитектите и жителите на Скопје.

Според нив, посебно треба да се издвои периодот 2003-2004 година за функционирањето на салата. Во овој период беше објавен конкурс за обнова на внатрешното уредување на салата односно влезниот хол, гардеробите, таванот, седиштата, како и стручна анализа за состојбата и обнова техничкиот дел – заштита на носечката конструкција на објектот и сите инсталации.

Aрхитектите и жителите на Скопје бараат да се обнови не само објектот туку и фонтаната и платото пред салата

„ Од пристигнатите решенија со највисока оценка е оценет трудот на тимот предводен од архитект Ленка Маневска која е носител на идејниот проект, во кој учествуваат и архитект Ангел Ситновски и архитект Весна Кондева. Освен идеите за внатрешно обновување на просторот, беше дадена и стручна анализа од соодветни фирми за заштита на носечката челична конструкција, за климатизацијата, вентилацијата, заштита од пожари, земјотреси и сл., а даден е и предлог за контрола и редовно одржување на системите. Во периодот од изборот на проектот за реконструкција до 2015 се менуваа директори на објектот, како и градоначалници и работите предвидени за реконструкција се одвиваа некогаш побрзо, некогаш побавно. Според архитектите од тимот, до 2015 голем дел од работите во реконструкцијата беа завршени“, наведуваат  архитектите и жителите на Скопје и од тука го темелат ставот дека за кусо време Универзална може да биде пуштена во функција.

Градоначалникот Петре Шилегов кој пред три години рече дека доаѓа на власт за да го врати животот на Универзална сала, откако три години го одлагаше проектот за реновирање на крајот на минатиот месец распиша оглас за идејно архитектонско решение за отворена летна сцена со парк на местото на Универзална сала. Ваквиот предлог не наиде на поддршка, а голем број граѓани и уметници отворено застанаа во одбранана салата, но тоа не го премисли градоначалникот кој не го повлече огласот за летна сцена.

Сепак, по притисокот од јавноста, градоначалникот Шилегов рече дека ако е потребно граѓаните и на референдум ќе добијат можност да се изјаснат за иднината на Универзална сала. Тој остави и можност ако граѓаните се согласат да се реставрира сегашниот објект а на друга локација да се изгради нова сала, воопшто и да не се распишува референдум. По ваквата негова најава не стивнуваат реакциите на скопјани но и на жителите на други градови низ земјата, Универзална сала да не се урива, а реакцијата на групата архитекти и жители на Скопје е последна во низата.

Би можело да ве интересира

Кривична пријава за екс министерката Костадиновска Стојчевска за Универзална сала

Катерина Ѓуровски

Љутков: Универзална сала е преземена на незаконски начин

Љутков: Ќе се повтори постапката околу преземањето на Универзална сала во Скопјe

Горан Наумовски

Арсовска: Нема да поминат заканите за тужба, да се одговори кога е осигуран објектот на Универзална сала

Костадиновска Стојчевска ќе ја тужи Арсовска за клевета за пожарот во Универзална

A1on

Арсовска: Зошто Костадиновска-Стојчевска не го пријавила пожарот ако знаела за него пред девет часот

A1on