Во Специјалната болница по гинекологија „Мајка Тереза“ во Чаир зголемен е бројот на породувања во изминатите седум месеци, во споредба со истиот период минатата година.
Од почетокот на оваа година, па до крај на јули се извршени 2.511 породувања, што е за речиси 300 породувања повеќе, во однос на истиот период лани, кога биле реализирани 2.222 породувања.
Како што соопшти Министерството за здравство, од болницата информираат дека и во услови на Ковид-19 работата во оваа болница тече регуларно, односно болницата ги спроведува породувањата, како и сите прегледи и скринизи за фетусни аномалии.
„Во нашата болница постојано се преземаат мерки за заштита од Ковид-19, задолжително е носење маска, на пациентките им се мери температура на влез и дозволен е влез само на пациентката што е дојдена на преглед, додека придружбата чека надвор. Исто така, е задолжително носење заштитна опрема на вработените, се врши и зајакната хигиена и дезинфекција во собите и во ходниците, а се врши и почесто земање брисеви од работните површини и од воздухот, информираат од Специјалната болница по гинекологија „Мајка Тереза“ во Чаир.
Инаку, по 40 години, целосно се реновирани двете гинеколошки операциони сали во болницата во Чаир, а значајна новина е и гасификација на оваа јавна здравствена установа.
И во услови на пандемија со Ковид-19 продолжува унапредувањето на условите во сите јавно-здравствени установи и подобра здравствена грижа за сите граѓани наведуваат од Министерството за здравство.