Атлетиката синоќа оствари триумфално враќање за време на „Дијамантската лига“ во Монако. Атлетичарот од Уганда Џошуа Чептегеи, светски шампион на 10.000 метри го собори светскиот рекорд на 5.000 метри со време од 12 минути, 35,36 секунди. Тој го подобри 16-годишното достигнување на легендата Кенениса Бекеле за скоро две секунди.
– Монако е посебно место и знаев дека можам да го подобрам светскиот рекорд овде. Потребно е многу работа да останеме мотивирани оваа година затоа што сите останавме дома. Но, јас продолжив да притискам, ги имав вистинските луѓе до мене и вистинскиот тренер, изјави Чептегеи по успехот.
На 1.500 метри, Норвежанецот Јакоб Ингебрицен го подобри европскиот рекорд на легендата Мо Фара, запишувајќи време од 3 минути, 28,68 секунди. Сепак, 19-годишниот Ингебрицен остана на второто место во Монако, а победата беше за актуелниот светски шампион Тимоти Шерујот.
За време на натпреварувањето во Монако беа поставени вкупно 9 национални рекорди, 3 континентални рекорди, 2 рекорди на „Дијамантската лига“ и еден светски рекорд.