Тетово денес повторно се соочува со прекин во водоснабдувањето, и повторно во прашање е водоводна цевка Ф300 на улицата „Цветан Димов“, но од комуналното претријатие образложуваат дека интервенциите се од помал карактер и нема да има поголеми проблеми. Станува збор за затнување на цевката поради изведувањето на работите минатата недела.
-Откако мината недела поради пукање на цевките имаше потреба од нивна замена, сега оваа недела се појавија затнувања на одредени места поради навлезени наноси при изведување на работите. Тоа се случи на цевководот со Ф300 цевка од Шарена џамија преку дворот на порнашено медицинско училиште и на улицата „Цветан Димов“ кај Архивот. Во делот кај медицинското училиште има редуктор со заштитна мрежа и така се детектираше проблемот. Таму се врши потребната интервенција но овој пат таа треба да трае многу пократко од минатата недела, изјави Љуљзим Шаќири, раководител на водотехничката лабораторија при Водовод и канализација на јавното комунално претријатие „Тетово“.
Водоснабдувањето е прекинато од 15 часот кај градските резервоари за сите потрошувачи и проценките се дека ќе трае до 18 часот. Нормализирањето кај сите потрошувачи се очекувате во текот на вечерта.
Најпогодени повторно се домаќинствата во Блок 70 и долж улица „Браќа Миладинови“.
Минатата недела три дена голем дел од Тетово беше без вода за пиење поради пукање и потребата од замена на две места на голема цевка тип Ф300.