Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека сака соседна Белорусија да ги реактивира замрзнатите планови за поблиска интеграција со Русија, по новата изборна победа на долгогодишниот белоруски лидер Александар Лукашенко, пренесуваат агенциите.
Изјавата на Путин доаѓа во момент кога во белоруската престолнина беснеат протести, а опозицијата ги отфрли резултатите од вчерашните претседателски избори, на кои Лукашенко извојува убедлива победа, и бара разговори за мирен трансфер на власта. Лукашенко одговори со употреба на сила – вo демонстрациите се уапсени над 3.000 луѓе, еден човек загина, а има стотици повредени.
Рускиот претседател долго време се залага за поблиски врски со Минск во единствена држава, идеја која Лукашенко досега ја отфрлаше, обвинувајќи ја Русија дека сака да ја проголта неговата земја со 9,5 милиони жители.
Белорусија е клучна транзитна земја за руската нафта на патот кон Запад, а Москва ја смета за корисна тампон зона во однос на НАТО, појаснува Хина.
„Се надевам дека вашето државничко дејствување ќе придонесе за развој на заемно корисни руско-белоруски односи во сите области, продлабочување на соработката во рамки на Алијансата на Русија и Белорусија и зајакнување на процесите за интеграција“, рече Путин во телеграмата со честитки до Лукашенко.
Путин наведе дека се надева оти Белорусија ќе избере и поблиски воено-политички врски со Русија во одбранбениот блок на кој тие заедно припаѓаат.
Лукашенко, кој е на чело на Белорусија од 1994 година, сè уште не одговорил на пораката од Москва.