Маурициус денеска прогласи еколошка катастрофа откако нафта се изли од насукан танкер блиску до брегот на островската држава во Индискиот Океан.
Објавените снимки покажуваат како нафтената дамка се шири низ кристално чистите води на океанот во близина на островот, кој е светски позната туристичка дестинација.
Јапонскиот товарен брод пред две недели се насукал на коралниот гребен на Маурициус, а според властите на земјата, излевањето ќе предизвика огромна штета на гребенот, загрозувајќи го специфичниот жив свет во тој дел од океанот.
Бродот „Вакашио“ во сопственост на компанијата Нагашики, се насукал на 25 јули на југоисточниот брег на Маурициус. Во четвртокот, владата соопшти дека нафта истекува од трупот на бродот, а премиерот Кумар Југнаут прогласи вонредна состојба и повика меѓународна помош.
Активистите на „Гринпис“ предупредија дека излевањето најверојатно ќе биде најголемата еколошка криза во историјата на малата земја.