Претседателот на Собранието во заминување, Талат Џафери, за време на конститутивната седница, побара од пратениците за време на паузата да останат на своите места и да не излегуваат од салата, со цел да нема групирање и да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Но, скоро никој не го послуша и сите наеднаш почнаа да ја напуштаат просторијата.
На таквото однесување, Џафери на висок им се обрати: „Не морате чопоративно (групно) сите да излезете“.
„За да не излегуваме од салава, поради безбедносни причини, предлагам да останеме овде и по потреба, ако има некој индивидуална потреба, може да излезе. Но, да останеме тука и пратениците да се запознаат меѓусебно колку што ни дозволуваат условите. Треба да се одржи и дистанцата, бидејќи сите разбираме во каква ситуација се наоѓаме и ве молам да поразговарате на ваши места, индивидуално“.
Конститутивната седница на новиот парламентарен состав се одржува под зајакнати мерки за заштита од коронавирус. Задолжително е носење на маски и употреба на средства за дезинфекција, а на влезот им се мереше температура пред да им биде дозволен влез во зградата на Собранието.