Туристи без маски се шетаат низ охридската чаршија, се фотографираат, пазаруваат и се забавуваат во кафулињата. Овој продолжен викенд во Охрид масовно се кршат владините уредби за спречување на ширењето на Ковид-19.
На социјалните мрежи постојано се споделуваат видеа од метежот низ градот, а дополнително на тоа, се шират и фотографии од расфрлано ѓубре по улиците и во езерото.
По кејот и во чаршијата има толку многу луѓе што е невозможно да се држи потребната дистанца за спречување на ширењето на коронавирусот.
Смештај дан Требит? ??? pic.twitter.com/77RZxc7yYe
— Алекс Северен Македонец (@AlexSiljan) August 2, 2020
Илјадници туристи го посетија Охрид овој продолжен викенд поради неможноста да се патува надвор од државата.
Министерот за здравство, Венко Филипче, испрати апел до граѓаните да внимаваат бидејќи лежалките лесно може да се заменат со болнички кревет, но домашните туристи како да ја игнорираат заканата од ширењето на Ковид-19.
Последните информации од МВР се дека во периодот од 28 до 30 јули, по плажите на охридското крајбрежје, во полициските контроли констатирани се 216 лица кои не носеле заштитна маска.