Селењето на споменикот „Скопје 63“, скопската „Герника“, е специфична одредница до каде стаса ароганцијата на власта, пишува Ерол Ризаов во колумна во „Утрински весник“.
Прашува дали судбината на споменикот на академик Томе Серафимовски од паркот спроти хотелот „Бристол“ и Старата железничка станица го означува почетокот на големата преселба на спомениците во Скопје.
„Селењето на споменикот „Скопје 63“ од паркчето кое веќе не е тоа по многу нешта е специфична одредница до каде стаса ароганцијата на власта и на премиерот Никола Груевски.
– За тој уништен парк ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби Општина Центар, а сега чинам споменикот на Серафимовски е предвесник на падот на власта која од ден на ден со грубата злоупотреба на моќта и со примитивната ароганција драматично ги губи симпатиите во јавноста. Можам да ставам раце во оган дека комплетната Влада сосе министерот за култура абер нема што означува тој споменик и зошто е ставен баш таму“, пишува Ризаов.
Сечењето на дрвата во 3 наутро во црни темници и покрај граѓанскиот протест, посочува, беше парада на осилената власт приредена како во окупиран град. Преместувањето на споменикот „Скопје 63“ од местото кое е камен-меѓник на Скопје е демонстрација на примитивизам и провинционализам рамен на талибанизам.
„Во преселбата на македонската „Герника“ има и две добри работи. Првата е што постои утврден законски ред и постапка како се селат споменици. Мислам дека тоа ќе потреба во наредните години повеќе пати. А втората добра работа му ја каже еден мој почитуван колега како утеха на резигнираниот Томе Серафимовски. Штом те селат подалеку од нивните злодела, тоа е добро за тебе. Никако да бидеш блиску до нивните споменици, каде што рингишпилот е ремек-дело и најдобрата и најисплатлива работа што се случи на скопскиот плоштад. Мислам дека е во право“, вели Ризаов во колумна во „Утрински весник“.
Целата колумна можете да ја прочитате ОВДЕ!