Место 40 отсто од плата медицински лица од штипската болница на државните картички добиле по 322 денари како награда за петмесечната работа со пациенти заболени од Ковид–19. Кога ја забележале сумата, велат дека се пожалиле кај надлежните во болницата но не добиле никаков повратен одговор.
„Во нашата болница има правило ако на персоналот нешто му недостасува или има некаков проблем да се обрати кај главната сестра, а таа понатака пренесува на директорот. И кажавме дека на сметките место 40 отсто од плата имаме само по 322 денари и побаравме да се направи корекција, но се остана само на збор“, вели лекар од болницата.
Директорот на штипската болница Ален Георгијев вели дека до него не стигнала таква жалба.
„Ниту усно ниту писмено кај мене се нема пожалено некое медицинско лице досега ниту, пак, некој ми пренел таков проблем. Ние до Владата испративме списоци со сите кои сметавме дека треба да бидат наградени за работата со заболените од Ковид – 19 со точни пресметки кому колку пари треба да му бидат префрлени. Доколку има некој што не е задоволен треба прво кај мене да се обрати за да можеме провериме што се случило“, вели директорот Георгијев за „А1он“.
Медицинските лица од Штип пак, велат дека освен кај главната сестра, за проблемот решение побарале и во банката која требало да им ги исплати парите.
„Околу десетмина од нас добивме картички од Стопанска банка па затоа и од нив побаравме објаснување. Ни рекоа дека најверојатно се работи за некој пропуст и ветија дека ќе го решат. Но рокот што сами си го дадоа истече минатиот петок, а на нашите сметки се уште стојат само 322 денари. Рокот пак за да ги потрошиме парите, во случај да стигнат, истекува за 15 дена“, велат медицинските лица од штипската болница.
На шега велат дека со парите можат да купат од големите кутии крем банани за да почестат за наградите и велат дека ќе биле посреќни ако имало доволно за да си купат барем по една маска Н 95 оти секојдневно се во непосреден контакт со заболените од Ковид-19.
Од Стопанска банка велат дека исплатиле на картичките онолку пари колку што им било одредено од Министерството за финансии и Генералниот секретаријат.
„ Банките не утврдуваа кој износ ќе биде уплатен за секој граѓанин одделно, туку таа информација беше испратена од страна на организаторот. Дополнително, на www.kupuvamdomasno.gov.mk за секој граѓанин постои можност да се направи увид колкав износ им е одобрен и да се даде приговор доколку износот е незадоволителен. Доколку станува збор за различно уплатен износ од тоа што е прикажано на веб – страницата на Владата клиентите треба да се обратат директно до Банката за да се изврши темелна проверка, но ваква ситуација досега не сме имале“, велат од Стопанска банка.
Министерството за финансии не одговори на прашањата од „А1он“ зошто на медицинските лица од Штип им стигнале само по 322 денари на сметките место 40 отсто од платата и дали ќе преземат нешто за овие лица да ја добијат ветената сума.
Државни платежни картички за купување домашни производи, покрај останатите категории граѓани, требаше да добијат 4.394 здравствени работници, учесници во борбата против Ковид – 19. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека наградата за нив ќе изнесува 40 отсто од последната основна нето плата.