Во Програмата за работа на Владата на Република Македонија за периодот 2011 – 2015 година се утврдени стратешки приоритети и цели, па да одиме по ред;
1.Зголемување на економскиот раст и вработеноста, како предуслов эа пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот;
Прво,зголемување на економски раст земено за 2012 год. беше предвиден со стапка од 4,5% а заврши со пад од 0,3%. Вработеноста не се зголеми, но затоа невработеноста се намали благодарение на законските измени за начинот на евидентирање на невработени, на оние што бараат работа и оние што не бараат работа. Животниот стандард дали се подобри со линеарно покачена пензија за 550 ден. пензија која живот значи за многу граѓани на кои им претставува единствен приход. А како се рефлектираа ценовните шокови врз стандардот на граѓаните како со покачување на цената на струјата и укинување на евтината дневна тарифа, покачување на парното на горивата, прехрамбените артикли и артикли за лична хигиена од потрошувачката корпа. Тоа за некого е нормално усогласување со цените кои важат во другите Европски држави !? Па зошто тогаш не ги усогласат и платите како што ги имаат во Европа? И сега сами одговорете си дали имаме поквалитетен живот како што беше ветен од Владата што остварува.
2.Интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО;
Што се однесува до евроатлантските интеграција на Република Македонија и тука се е јасно: Бранко е крив! Да не беше Бранко досега ќе бевме во ЕУ и НАТО. А Влада која седма година ја води Република Македонија,тоа наше зачленување го води толку постепено, за да не се збуниме кога ќе станеме европски држављани, па наглите промени негативно ни се одразат врз квалитетот на животот на кој сме навикнале. Имавме прилика до сега да станеме членка на НАТО и да бидеме блиску до влез во ЕУ. Но последните седум години од владеењето на ДПМНЕ покажа дека тоа им е главна цел, и полека но сигурно не одалечуваат од овој таксативно наброен приоритет на сегашна Влада.
3.Бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, преку длабоки реформи во судството и јавната администрација;
И, од каде да почнам? Скопје 2014 класичен пример за организиран и контролиран метод на испумпување на народни пари за партиски и лични потреби, без транспарентност без отчет без трунка грижа на совеста. Тоа е затоа што предходно се направени ‘‘ длабоки реформи‘‘ во судството ( судство – партиски контролирано проверено и докажано по системот кадија те тужи, кадија те суди ). А во Јавната администрација се доведени врвни стручни кадри директно од реформирано школство, па дури и на работа не одат за да не прават дополнителни трошоци, туку земаат само плата како заслуга за сработеното.
4.Одржување на добри меѓуетички односи врэ принципите на меѓусебна толеранција и почитување и спроведување на Охридскиот рамковен договор;
Претпоставувам дека случувањата на Кале во 2011, како и најновите пред Владата на РМ беа показна вежба што може да ни се случи ако недај боже пастирот си замине од власта, а дојдат овие ‘‘комуњари‘‘ што ја доведоа Република Македонија до пред вратите на ЕУ и НАТО. Можеби лошо сте ги разбрале добри меѓуетнички ( читај меѓупартиски) односи. Во превод, тоа е според онаа народна – и вук сит и овци на број. А овие што се тепаат, утре пак заедно ќе навиваат и слават, а во оваа глума се само статисти.
5.Инвестирање во образование, наука и информатичка технологија како елементи на општество базирано на знаење.
Па дали експертите што седат во Влада се образовани? Ако се тоа, требаше да го покажат во досегашно седумгодишно владеење со дела, ама не со ‘‘кривични‘‘, туку со дела за добро на целото општество. Дали образуваните кадри кои се растрчаа по бел свет со некакви си Роад шоа ( road show ) направиа некакви резултати? Инвестиции ( учинокот ) нула, а безмилосно потрошени пари на граѓаните, и тоа пак без отчет, без грижа на совеста, но и без концепт – на кого му се нудиме? И на исток и на запад и на север и на југ. Па каде собравте такво знаење за безконцептно барање на инвеститори.
Да беше така, да беа посветени на напредокот на Република Македонија, одамна ќе бевме земја со висок економски раст, висока вработеност ниска сиромаштија, висок стандард и поквалитетен живот. Република Македонија веќе ќе беше членка на ЕУ и НАТО. Одамна ќе владееше право на цела територија на државата, а корупција и криминалот ќе беа искоренети. Охридскиот рамковен договор ќе беше целосно инплементиран и ќе се зборуваше за практицирање на граѓанското општество, а не за одржување на добри меѓуетнички односи. Образованието ќе беше достапно за сите а високото образование ќе ја имаше потребната автономност за да стане елемент на општество базирано на знаење.
Само во богати и развиени држави може да се зборува и практицира демократијата. Во држава како што сме ние, каде бедата сиромаштијата и невработеноста се главни карактеристики, тешко може да заживее демократијата. Имам чувство дека сегашната власт контролирано не држи настрана од евроатлантски интеграции, заради оправдан страв да ни си ги изгуби привилегиите во кои сега ужива.Но исто така сум убеден дека сме на крај на издржливоста и толеранцијата која е примерена за овој народ, и очекувам масовна ‘‘експлозија‘‘ на позитивна енергија за конечно справување со наметната но и неиздржлива апсолутистичка и тоталитарна власт.
Ако некој ветил а ништо не остварил ( освен задоволување на свои интереси ) а притоа не сака да си оди од власта, тогаш неговите причини мора да се сокриени во стравот од заживување на правната држава и соочување со народот. Иднината е секогаш на страната на правдата а народот секогаш победувал, така ќе биде и во Република Македонија, Само упорна борба за враќање на демократијата ни дава надеж за градење на подобра иднината на граѓаните на Република Македонија.
Мирослав Трлин ,
член на ЦО на НСД