Ниту Солидарност, ниту Ленка не најдоа сили да се справат со синдромот на неорганизираност, отсуство на поддршка и недостаток од соработка со исто или сличномисленици.
И покрај тоа што најавија дека ќе ја поддржат Повелбата на Синдикатот наработниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Самостојниот синдикат на клиничките центри (ССКЦ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), тие во последен момент се повлекоа.
На овој начин изгубија многу во моите очи и станаа само уште две невладини организации кои лајат покрај патот без капацитет за вистинско делување.
Во прилог е Повелбата која одбија да ја поддржат:
Силно вознемирени од сегашните, крајно негативни трендови во трудовото законодавство, па дури и отворените антисиндикални активности кои ги влошуваат условите за работа на сите работници и членови на синдикатите од сите сектори во Македонија, а верувајќи дека во функција на нивно запирање, па и придвижување во спротивна насока е неопходно итно, повторно воспоставување заедничка соработка на синдикатите во Македонија врз принципите на синдикалниот солидаризам, синдикатите: Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Самостојниот синдикат на клиничките центри (ССКЦ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) се согласија да усвојат
ПОВЕЛБА
ЗА СОЛИДАРНОСТ НА СИНДИКАТИТЕ И СИТЕ ПРИЈАТЕЛИ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
1. Повелбата за солидарност е изјаснување на заложбата на синдикатите во Македонија и пријателите на работните луѓе заеднички да се спротивстават на растечките негативни трендови на намалување и укинување на постоечките работнички права како во случајот на ограничувањето на учеството на работниците/синдикатот во управувачките одбори на фирмите/институциите, нарушување на работата и активностите на синдикалните организации, злоупотребата на договорите за вработување на определено време, „усогласувањето“ на агендите на одредени синдикати со истата од одредени политички партии а не со агендата поврзана со потребите и барањата на работниците, ограничувањата на изборот за наоѓање и остварувањето на правото за пристојна работа и др.
2. Потписниците на Повелбата за солидарност се крајно загрижени од веќе подолго време забележливото, не само отсуство на грижа за вработените, туку и еден вид отворено потценување на индивидуалниот интегритет и вредности на секој вработен. Притоа, не се работи само за некаков прогон на одделни, непожелни личности, туку севкупна атмосфера во однос на сите вработени како кон „граѓани од втор ред” поради што доаѓа до намалување на квалитетот на работата и услугите во сите сектори што претставува алармирачки тренд за целосна, системска деградација на сите и стопански и нестопански области.
3. Потписниците на Повелбата се посебно алармирани од распадот на правниот систем кој е предуслов за функционирање на кое и да е демократско општество. Нехуманата политика спрема најголемиот број вработени и во јавниот и во приватниот сектор, преку редица крајно неосновани дисциплински постапки, кулминира во апсурдни кривични постапки преку кои не се корумпира само системот на правосудна постапка туку воопшто целиот правен систем на Република Македонија. Негирањето на јасните правни норми според кои еден работодавач (вклучувајќи ги работодавачите од приватниот и државниот сектор) е должен да постапи не само што не наидува на пречка кај македонските судови, туку токму обратното: судовите застануваат на страна на таквото прекршување на правото и носат одлуки со кои се ограничува уставното право на штрајк.
4. Се спротивставуваме на генералната практика со која се носат законски или системски решенија во трудовото право зад грбот на сите засегнати страни без вистинска консултација со оние на кои тие промени се однесуваат. Така, ратификацијата на поважните и обврзувачки Конвенции на Меѓународната организација на трудот служат само како параван.
5. Потписниците на Повелбата веруваат дека е неопходно и неизбежно заедничката борба против влошувањето на условите за работа и ослабувањето на синдикатите да биде спроведена на начин соодветен за секој поединечен случај, преку заеднички кампањи, предупредувачки, солидарни и други штрајкови, заеднички прес-конференции и други форми на синдикални механизми кои се користат за остварување на подобри работнички права.
6. Потписниците ќе реагираат на ситуациите каде работничките права се намалуваат без разлика на секторот каде припаѓаат и во исто време ќе го бараат најдобриот можен начин со кој што ќе можат да ги решат проблемите на своите членови преку споредување и спроведување на постојните колективни договори и воспоставување на минимални услови/барања што треба да бидат содржани во истите, поднесување судски претставки против правните лица кои дозволуваат да се извршува работа без постоење колективен договор или друга легислатива, како и за други инстанции за кои е потребна заедничка акција се` со цел да се врати достоинството на работниците во Македонија.
7. Координативно тело составено од потписниците на Повелбата за солидарност ќе ја информира јавноста, институциите и сите синдикати во Македонија преку средствата за јавно информирање за да се подигне свеста за горенаведените теми и да се добие максимална поддршка за активностите.
8. Потписниците Повелбата ја потпишуваат во предвечерието на најголемиот празник на работниците од целиот свет Први мај – Меѓународниот ден на трудот. Со тоа на симболичен начин сакаме да покажеме дека нашата борба е за и во името на работниците и дека до година нема да постои дилемата дали да празнуваме или треба да го дигнеме гласот за поголеми права, плати, подобри услови за работа… Само така ќе го вратиме значењето на Први мај како празник на работниците од целиот свет кои ги поврзува заемна солидарност и ќе остане вечен непокор и симбол на трудот.
Мирјана Најчевска