Градскиот водовод во Кочани максимално оптоварен, граѓаните да ја намалат нерационалната потрошувачка

Од:

Потрошувачката на вода од градската водоводна мрежа во Кочани е во постојан пораст, поради што од комуналното претпријатие „Водовод“ упатија итен апел до граѓаните порационално и наменски да ги користат расположивите количини.

Во одредени периоди од денот максималната потрошувачка достигнува и до 270 литри во секунда, што ги надминува можностите на бунарскиот систем за водоснабдување чиј капацитет е 255 литри. Зголемените потреби за вода привремено се покриваат со користење на резервоарите што се изградени на повеќе места во средната и високата зона во градот.

– Иако состојбата сè уште е стабилна и немаме потешкотии во испораката на вода за пиење, сепак се соочуваме со драстично зголемена потрошувачка што трае константно во изминатите неколку месеци, од почетокот на вонредната состојба поради епидемијата со Ковид-19. Со нашите стручни служби преземаме активности за да се избегнат евентуални рестрикции или подолготрајни ненајавени прекини и успеваме континуирано да ги обезбедуваме потребните количини. Ангажирани се сите црпни и транспортни пумпи, а тековно се прави санација на дефектите и оштетувањата на мрежата за да се спречат загубите. Дефинитивно, рестрикции не планираме, но бараме соработка од граѓаните во намалувањето на потрошувачката, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Следната недела кочанското комунално претпријатие ќе почне со дупчење на длабочина од 50 метри за изградба на нов бунар за водоснабдување, со што ќе се обезбедат дополнителни 30 литри вода во секунда. Тој ќе биде лоциран во кругот на бунарскиот систем Грдовски орман, од каде што Кочани и останатите населени места во општината се снабдуваат со вода за пиење.

Во меѓувреме, изработен е и технички проект за целосна реконструкција на главниот потисен цевковод долг 5,3 километри, а за негова реализација ќе се бара поддршка од Советот на Општина Кочани, на седницата што треба да се одржи до крајот на овој месец.

Би можело да ве интересира

Полицијата поднесе кривична пријава за директорка од Кочани

Мицкоски: Поддршка за семејствата од Кочани, правдата треба да ја донесе судот

Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија каде ќе се обратат родителите од Кочани

Пламна пожар во куќа во Кочани, во болница завршија мајка и ќерка

Горан Наумовски

Пратениците на СДСМ, придружени од Левица поднесоа иницијатива за основање Анкетна комисија за пожарот во Кочани

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Митева: Владата со посебен фокус за Кочани, 100 милиони евра за капитални инвестиции