Иранските безбедносни сили употребија солзавец за да ги растераат демонстрантите во југозападниот град Бехбахан, пренесуваат британските медиуми.
Демонстрантите ја извикувале паролата „Не се плашиме, заедно сме во ова“. На снимки, прикажани на социјалните медиуми, се гледа силно присуство на безбедносните сили во Техеран и Исфахан, а некои демонстранти извикуваа пароли против водечките ирански функционери, пренесуваат британските медиуми, додавајќи дека не се во можност да ја потврдат автентичноста на снимките.
-Луѓето се лути. Економијата е толку лоша што не можеме да преживееме, во телефонска изјава наведува еден Иранец од Техеран, кој сакаше да остане анонимен.
Судот во вторникот ја потврди смртната казна за тројца Иранци за нивното учество во минатогодишните антивладини немири, што предизвика незадоволство на социјалните мрежи, а некои за денеска повикаа на нови протести.
Иранската новинска агенција „Тасним“ соопшти дека безбедносните сили ги уапсиле „клучните елементи на опозициските групи, кои ги охрабруваа луѓето за денеска да протестираат“.