Ветеранот во редовите на Интер и долгогодишен капитен на „нероаѕурите“, Хавиер Занети на вчерашниот дуел против Палермо ја скина ахиловата тетива, по што под знак прашалник му е продолжувањето на фудбалската кариера.
Аргентинскиот ас излезе од игра во 17. минута од мечот од 34. коло во Серија А, кој неговиот тим го загуби со 1-0. Тренерот Страмачони ја потврди сериозната повреда на Занети, а првичните прогнози се дека тој ќе паузира околу 8 месеци.
Доколку се покаже дека навистина е потребно толкава пауза за закрепнување, тоа лесно може да значи крај на кариерата на борбениот и пожртвуван дефанзивец, кој во август ќе наполни 40 години.
– Тешко е да се коментира оваа ситуација, не сум лекар, но работата ми изгледа многу сериозно – изјави Страмачони, чиј тим е десеткуван по неверојатната серија на повреди.
Надвор од акција во таборот на Интер, покрај Занети, моментно се: Кастелаци, Самуел, Мбаје, Нагатомо, Мудингави, Камбијасо, Гаргано, Станковиќ, Гуарин, Оби, Паласио, Касано, Милито…