„Џони Вокер“ – шкотското виски старо речиси 200 години, наскоро ќе се продава во т.н. „хартиена амбалажа“, соопшти Дијаџио – компанијата сопственик на марката.
Новите органски пакувања ќе бидат пуштени во продажба следната пролет. За таа цел, производителот соработува со компанијата „Пулпек“ за производство на хартиена амбалажа, која, исто така, ќе произведува амбалажи и за брендовите Унилевер и Пепси.
Изработката на стаклени шишиња троши енергија и испушта јаглерод, па затоа сега многу производители на пијалаци ја прифаќаат идејата за т.н. хартиена амбалажа. Целта е – да се намали загадувањето и да се направат производите поодржливи.
Хартиените шишиња за виски ќе бидат направени од дрвен материјал и ќе можат да се рециклираат.
Кока-кола, од друга страна пак, во јануари објави дека нема да се откаже од пластичните шишиња за еднократна употреба затоа што потрошувачите се уште ги сакаат.