Планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево продолжува со искачување на познати врвови во Пијанечкиот регион. Денеска согласно протоколите на Федерацијата за планинарски спортови, 14-члена експедиција го искачила „Царев Врв“ на Осоговските планини.
-Маршот се спроведе придржувајќи се и на препораките од Министерството за здравство како и на Федерацијата за планинарство, односно со држење на растојание од најмалку 1,5 метри. Во рамки на планинарската маршута, раководеше лиценциран планинарски водич, се движевме во група со максимален број до 20 луѓе при што го искачивме Царев Врв (Султан Тепе), кој се наоѓа на 2085 метри надморска висина, изјави претседателот на планинарското друштво Љупчо Чучуковски.
Маршутата на движење била долга 18,7 километри. Започнала од горен рудник Саса на 1570 метри надморска висина, преку Црна Трава, Ајдучка Чешма, врв Клефте, Ѓупски Врв се до Царев Врв на надморска висина од 2085 метри и обратно во вкупна должина од близу 19 километри.
Најголем дел од учесниците биле планинари под 20 години кои за прв пат го искачиле еден од највисоките врвови на Осоговските планини.