Храмот „Св. Димитрија“ се подготвува за претстојните празници. Литургии и чествувања се одржуваат редовно и покрај тековните градежни работи и ограденоста околу црквата.
Велигденските чествувања традиционално почнуваат на Велики четврток со чиноначалство на поглаварот г.г. Стефан, а на Велики петок во вечерните часови ќе се одржи опело, односно оплакување на распнувањето на Исус Христос.
Градски паркинг обезбеди бесплатно паркирање за Велигденските празници, почнувајќи од утре-Лазарова сабота, потоа задутре Цветници, за Велики четврток и петок, до втор ден Велигден.
Отец Жикица Денковски, старешина во храмот „Св. Димитрија“ информира дека на Велики четврток по богослужбата се свети масло за цела година, односно се подготвува светата тајна Елеосвештение или масло светение.
– Утре е Лазарово сабота, па Цветници, Велики четврток, Велики петок… или уште се нарекува Страстна или страдална седмица, која е најдраматична седмица во животот на Исус Христос, рече за МИА Денковски.
Тој потсети дека се приближува и годишнината од чудото со самопрочистувањето на фреските што лани се случи на Цветници.
– Ланското чудо го толкуваме како една Божја пројава да ни ја зацврсти верата. Овој храм има најдолга, седум векова традиција во Скопје. Датира од крајот на 17 век. Ова што го гледаме е од последните два века од преосветувањето на ова место. На повидок пред храмот е уште една своја ренесанса. Низ вековното постоење претрпел многу премрежја, историски, политички…, додаде Денковски.