Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Јелко Кацин оцени дека извинувањето на српскиот претседател Томислав Николиќ за злосторствата, кои врз Бошњаците ги извршиле поединци во име на Србија, претставува голема и важна државна порака.
– Таа порака во БиХ наиде на големо внимание и сега мошне внимателно се проучува. Не е доволно нешто да се каже еднаш, треба да се види какви ќе бидта натамошните чекори и што ќе биде кажано во некоја друга прилика. Но секако би кажал дека е исклучително добродојдена не само за БиХ – тоа е вистинска порака во вистинското време и на вистинското место, пред утрешната расправа во Собрание, рече Кацин за Танјуг.
Николиќ изјави во интервјуза босанската телевизија БХТ дека се извинува за сите злосторства, кои во Босна и Херцеговина во име на Србија и српскиот народ ги сторил кој било поединец.
Во кусиот извадок од интервјуто за емисијата „Интервју 20“, кој е објавен на Јутјуб, Николиќ на прашањето на новинарката за геноцидот во Сребреница најпрво изјави дека тој мора да се докаже, но додаде дека „клекнува на колена и бара помилување за Србија поради тоа злосторство“.
На забелешката дека се тоа што се случувало во Сребреница укажува на геноцид, тој одговори дека и сето она што се случувало во војните во поранешна Југославија има карактеристики на геноцид.
На инсистирањето на новинарката дека Сребреница сепак носи некаква тежина, претседателот на Србија одоговори:
„Јас клекнуван на колена поради тоа. Еве клекнувам. И барам помилување за Србија поради злосторствата кои се сторени во Сребреница. Се извинувам за злосторствата, кои во име на нашата држава и нашиот народ ги сторил кој било понединец од нашиот народ“.
Во врска со тоа кој е надлежен да се даде конечен став за тоа дали во Сребреница се случил геноцид, Кацин истакна дека ставот е одреден со одлуката на Меѓународниот суд на правдата и оти таа одлука е правосилна и треба да се почитува.
Известувачот на ЕП престојува во посета на Белград, каде заедно со премиерот на Србија Ивица Дачиќ ќе учествува на конференцијата „Србија во безбедноните и економските предизвици на евроатлантскиот простор“.