Евиденцијата за услугите со поштенските пратки со откупнина треба задолжително да ги содржи адресните податоци на примач и на испраќач, а отсуството на запис со целосни адресни податоци е непочитување на дозволата за работа и свесно помагање на сивата економија, и подлежи на санкции, укажува Агенцијата за пошти.
Регулаторното тело на поштенскиот пазар констатира дека граѓаните се уште многу често нарачуваат и купуваат разни добра преку интернет од непроверени продавачи. Во зголемениот обем на поштенски услуги од on-line нарачки од почетокот на рестрикциите, значителен е уделот на пратки со откупнина, кои потекнуваат од нерегистрирани трговци, од продажба преку социјалните мрежи (фејсбук и инстаграм) и од друг вид нелегална трговија. Притоа, укажува Агенцијата, се поприсутен е притисокот на испраќачите-трговци врз давателите на поштенски услуги, доставувачите да ја наплаќаат цената од примачите, во готови пари (т.н. откупнина за поштенските пратки ) и наплатениот износ, исто така во готовина, да го предадат на испраќачите.
Како што оценува Агенцијата за пошти, отсуството на запис со целосни адресни податоци (име и презиме/назив за физички и правни лица и нивни полни адреси) за идентификација на секој испраќач-трговец, во евиденцијата за извршени поштенски услуги на давателите на поштенски услуги, е неисполнување на правата и обврските од издадената дозвола за работа. Таквото деловно работење и пракса на давателите на поштенските услуги, укажува агенцијата, би можело да значи и свесно помагање на нелегалната трговија, сивата економија и недозволените активности воопшто, однесување кое што го санкционираат други надлежни инспекциски органи
-Од тука, во духот на добра деловна практика и професионалната соработка, укажуваме на потребата од зголемена свесност за одговорноста на секое правно лице -лиценциран давател на поштенски услуги и на одговорното лице во тоа правното лице, за доследно спроведување на дадените обврски од Агенцијата по однос на поштенската евиденција, документирање и чување на записите. Секое спротивно постапување кое не е во согласност со пропишаните обврски на давателите на поштенски услуги, подлежи на санкции, предупредува Агенцијата за пошти.