Нови седум лица се уапсени денес во црногорскиот приморски град Будва, по вчерашните немири во кои полицијата употреби солзавец за да ги растера приврзаниците на опозицијата кои сакаа да влезат во општиската зграда.
Според локалните медиуми, денешните апсења се поврзани со настаните од 17 јуни, кога демострантите ги блокираа улиците на градот.
Полицијата и граѓаните и утрово биле пред зградата на општината, а приврзаниците на неодамна сменетите локални функционери на Социјалдемократската партија по неколку часа се разотишле. Претставници на Специјалното државно обвинителство изнесуваат документација од опшината, која денес е затворена, според извештаите.
Во немирите во Будва вчера биле уапсени 17 лица, соопшти полицијата. Десетици други демонстранти се уапсени во други градови во Црна Гора, вклучувајќи го и главниот град Подгорица, каде немирите се проширија вчеравечер.
Во врска со случувањата во земјата, денес се огласи и Европската комисија, која ги повика сите политички актери во Црна Гора да бидат воздржани и да го почитуваат владеењето на правото, додавајќи дека будно ја следи состојбата.