Судан предупреди за евентуална ескалација на спорот околу етиопската изградба на мегабраната на Нил, што е извор на жестоки регионални тензии.
Тензиите се зголемуваат меѓу Судан, Етиопија и Египет по неуспешните преговори за полнење на резервоарите и пуштањето во употреба на Големата брана.
Етиопија сака да почне со полнење на резервоарот во јули, со или без договор со две други земји.
Египет, кој го смета проектот за „егзистенцијална“ закана, го повика Советот за безбедност да интервенира, наведувајќи го негативниот став на Етиопија и инсистирањето еднострано да ја полнат браната.
– Не сакаме ескалација, преговорите се единственото решение, нагласи суданскиот министер за иригација, Јасер Абас, во Картум. Тој смета дека е важно да се постигне договор пред почетокот на операциите за полнење на резервоарот и рече дека Судан има право да го бара тоа.
Во саботата, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси рече дека неговата земја е за политичко решение и истакна дека египетскиот повик за Советот за безбедност на ОН е одраз на желбата да се реши прашањето преку дипломатски пат.