Судијката на случајот „Рекет“ Васка Николовска-Масевска, посочи дека од осудените Бојан Јовановски и Катица Јанева ќе биде конфискуван имот.
Таа кажа дека имотот ќе се конфискува и од членови на нивните семејства на кои им биле давани пари и предмети, а обвинетите ги прибавиле со сторување на кривичните дела за кои се осудени.
„Од обвинетата Катица Јанева се конфискуваат непосредната и посредна имотна корист прибавена со кривичното дело во износ од 50.000 евра стекнати со сторување на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Од сторителите ќе се конфискува друг имот кој одговара на вредноста на прибавената корист, која е остварена со сторување на кривичното дело. Имтоната корист ќе се конфискува и од членовите на семејството на сторителите на кои е пренесена, а за кои е очигледно дека не дале надоместок кој одговара надоместок за прибавената имотна корист на двете лица, ако не докажат дека за предметот или имотот дал соодветен надоместок кој одговара на вредноста на прибавената имотна корист“, рече судијката Николовска-Масевска
Судијката додаде дека од Јанева и Јовановски ќе бидат одземени и предмети кои се употребени при сторување на кривичните дела.
Обвинението против Бојан Јовановски-Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец беше поднесено во октомври минатата година од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Половина година траеше судењето за случајот „Рекет“ – рочиште по рочиште, вкупно 36. Јовановски се жалеше на лоша здравствена состојба, бараше домашен притвор, а Јанева со качулка на главата беше пренесена во домашен притвор.
Се редеа сведоци, но најголемо внимание предизвика Камчев и неговата сопруга Ана, кои тврдеа дека биле жртви на уцена и дека се бореле за правдата во Македонија. Русковска пак, одеше со спротивна теза, дека Камчев го монтира случајот за да се спаси од случајот „Империја“.
Судскиот процес заврши пред две недели.