Шпанскиот весник „Мундо Депортиво“ објави дел од деталите од предложениот нов договор за Лионел Меси во Барселона, според кој Аргентинецот ќе остане на „Камп Ноу“ најмалку уште две години.
Тековниот договор на Меси, кој наскоро полни 33 години, важи до крајот на следната сеозна, а во него има опција што му дозволува да го напушти каталонскиот клуб летово. Извори блиски до клубот за „ЕСПН“ изјавиле дека претседателот Пеп Марија Бартомеу не брзал да го склучи договорот, пред сè поради ситуацијата со коронавирусот и мешањето на таткото на Меси, Хорхе, кој е сè уште во Аргентина и наводно го кочел напредокот на преговорите.
Според шпанските медиуми, Бартомеу сепак сака договорот да биде потпишан што побргу, затоа што неговиот мандат истекува следниот јуни, па му нуди на Меси повисока плата од сегашните 29 милиони евра по сезона. Освен тоа, и со новиот предлог на Барселона, Меси ќе има опција да го напушти клубот една сезона пред истекот на договорот, летото 2022 година, а доколку не ја искористи, договорот автоматски ќе се продолжи за уште една сезона.