Туристичките агенции најавија дека утре ќе достават предлог-мерки до Министерството за финансии и до Министерството за економија. Тие велат дека се меѓу најпогодените од корона кризата, бидејќи немаат никакви приходи, а имаат тековни трошоци поради нивните вработени.
Според нив, Владата им помогнала само на туристичките агенции кои примаат туристи во земјава, но не и на оние кои организираат патувања на наши граѓани во странство.
„Одлуката која што е донесена од Владата за отворање на границата под услов да има ПЦР Тест негативен, а не постар од 72 часа и карантин од 14 дена или во самоизолација по враќањето во државата Македонија ја оневозможуваат нашата работа и под овие услови никој нема да патува. Протоколот за превоз на луѓето во автобус со 50% исполнет капацитет не функционира ниту во јавниот превоз, а се наложува за туристички патувања, ова е друг проблем за нас. Кој би ја покрил разликата во цената за празните седишта?!“, пишува во соопштението на кое се потпишани 64 туристички агенции.
Меѓу нивните барања се ослободување од плаќање данок, неповратна месечна финансиска помош за плаќање на режимските трошоци и одобрување на бескаматни кредити за туристичките агенции и превозници без услови.