Членовите на планинарското друштво „Кожуф“ од Гевгелија заедно со над 500 вљубеници на природата викендов го реализираа традиционалниот меморијален марш „Перо Илиевски“, кој годинава се одржа по јубилеен 20 пат.
Трасата на маршот е константно иста, во должина од 15 километри и започнува од селото Конско, каде што најпрво се посетува новоотворениот планинарски дом, а продолжувадо селото Хума и месноста Лековита вода, на Кожуф планина.
Овде е организиран заеднички ручек, посно гравче за сите учесници на меморијалниот марш.
Годинава јубилејниот карактер на маршот на висините на Кожуф ги привлече и членовите на шесте планинарски друштва од пет општини во државава: „Југ“ од Валандово, „Серта“ и „Антигона“ од Неготино, „Младост“ од Велес, „Ентузијас“ од Струмица и „Бел Камен“ од Радовиш.
За подобра ориентација во просторот, пред две годинипланинарите извршија обележување на три планинарски патеки од Хума до Дупен Камен, до Караулата и кон Лула воденица.
Безбедноста во текот на движењето по планинските пределибеше доверена на обучени водичи, кои им помагаа во ориентацијата на новите придружници на маршот.
Оваа категорија, ориентација во просторот, е специјалност на гевгелиските водичи-членови на ПД „Кожуф“, кои на меѓународен натпревар во Турција во конкуренција на 100-тина екипи од исто толку странски земји, се изборија и станаа носители на прва награда и златен медал за ориентација во 2011 година. Искуствата се калемат и понатаму со секоја нова планинарска акција, искачувања или експедиции на нашите планинари.
А.Д.