Ѓорѓе ни пее на сите автобиографија, за нашиот живот што веќе го нема, ете затоа го сакаме, пишува Ерол Ризаов во колумна за „Утрински весник“.
Зошто го сакам Ѓорѓе Балашевиќ. Не оти е некој добар пејач, среде збор зима воздух. Имаме дузина подобри од него. Не оти ми е генерација и непоправлив југоносталигичар. За Југа има поголеми плачковци од него. Не оти е некој убавец, или заводник, или пак убаво се облекува. Катастрофа, би рекле помодарите и трендсетерите. Ние што го сакаме таков каков што е велиме друго да облече не му личи. Не би бил тој.
Го сакам Балашевиќ затоа што ме потсетува на среќа, на младост, на првата љубов, на другарството, на војска, работни акции, студентски демонстрации од кои им замрзнуваше крвта на политичарите, ме потсетува на отпор, на пркос, на гордост, на чесност, на вистинска слобода, „не ломите ми багреме,ќе не однесе ветерот“, „власт е власт, ама ред е рееееед“, ме потсетува на Панонско и Јадранско море, на Триглав и најубавото зеленило во светот, оризовите полиња во Кочани, ме потсетува на мирисот на дуњите врз креденецот во гостинската соба во нашата куќа и насмевката на мајка ми, на мојата прва учителка, ме потсетува „како се некад јело“ и пило, на моите другари со кои одев автстоп низ Југославија да откријам колку е голема и да ја запознам Катрин, ме потестува на Хвар, на Врадар кога му дадовме пет гола на Партизан, на раскошот на дрвената клупа и звезденото небо над Биоково. Ме потсетува на „Т,га за југ“ и „Прошек“.
Го сакам Ѓорѓе Балашевиќ затоа што ја прифати новата реалност, а не ги заборави убавите работи од минатото. Го сакам Балашевиќ оти пее дека е славјанска душа и оти со тоа се гордее како и стотици милиони Словени. Југославија не беше мала како што мислевме, а дознавме колкава е кога ја снема. И нашите нови татковини не се мали, но уште не е завршена опасноста од нивно исчезнување, па да дознаеме колку се големи. Балашевиќ одамна со сета во гласот испеа „патувај Европо, не сметај на нас“.
Балашевиќ го сакам оти во неговите балади има покрај се’ што набројав и еден убав хумор, иронија и малку здрав цинизам.
Ах, да ќе заборавев, на крај Балашевиќ три пати ни порача чувајте се од „бараби“. Не кажа како. Ќе го прашам кога ќе дојде следниот пат. Ако бидеме тука и ако не заминеме за Хондурас.
Целата колумна прочитајте ја ОВДЕ!