Владата на Перу прогласи вонредна состојба во северната област Кахамарка откако три лица беа убиени, а 20 се ранети во судирите меѓу силите на редот и демонстранти, кои се против проектот за развој на рудникот за злато Конга, што и припаѓа на американската компанија Њумонт, соопшти министерот за правда Хуан Хименес, цитиран од агенциите.
-Прогласена е вонредна состојба во провинциите Селендин, Хуалгајок и Кахамарка, соопшти тој.
Над 1.000 демонстранти во градот Селендин фрлаа камења врз општинските згради. Тие го обвинуваат градоначалникот Мауро Аертега дека го поддржува проектот со рудникот.
Силите на редот употребија солзавец за ги растераат демонстрантите.
На крајот на 2011 година провинцијата беше делумно парализирана од серијата протести и блокирања на патишта против проектот на рудникот Конга – најголемата инвестиција во рударството на земјата, во висина од 4,8 милијарди долари, што треба да се реализира до 2014 година. Тогаш владата, исто така, воведе вонредна состојба.
Противниците на проектот најмногу стравуваат од ефектите на рудникот врз водните ресурси во областа. Проектот ќе жртвува четири високопланински езера и ќе ги замени со вештачки водохранилишта.