Со критики и безобразни зборови за Орце и Ана Камчеви, обвинетата Катица Јанева ги даде своите завршни зборови во судот за случајот „Рекет“, тврдејќи дека е невина. За неа, Камчев е валкан играч, кој не успеал да ја купи со пари. Јанева за обвинителката Вилма Русковска рече „нека пукне“.
„Орце и Ана Камчеви се дно. Тие немаат кредибилитет да се приближат до зградава, а камоли да сведочат. Јас за Камчев лежам во притвор 9 месеци. А каде се парите? Да имаше шеќер на масата, наместо парите, кокаин ли ќе беше? Оној што го шмрка Камчев. Тој сакаше да соработува за другите предмети на СЈО, но е ‘прљав’ играч, злобен, мисли дека сè може да купува.. Но мене не, се зафркнал“, рече Јанева.
Јанева смета дека обвинението на Русковска е без никакви докази.
„Обвинението без никакви докази овие два дена го растуривме како баница. Обвинителката Рускоска нема анимозитет туку чиста завист и омраза, нека пукне“, искоментира Јанева.
За две недели, односно на 18 јуни судот ќе ја изрече пресудата за случајот „Рекет“ во кој обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева, а осуден е Зоран Милески – Кичеец. Јовановски се товари за перење пари и примање награда за противзаконско влијание, додека Јанева се гони за злоупотреба на службената положба и овластување.