Како прв човек на градот и претседател на општинскиот кризен штаб, јас сум против во Штип да се воведе карантин, вели градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски. Тој вели дека на денешниот состанок на кризниот штаб препорачал Градот да остане на мерката за затворање на петте текстилни фабрики и приближно 500 работници да бидат во домашна изолација, па тогаш да се носат нови одлуки. Повика на одговорност и дисциплина од граѓаните за да не се доведе градот во состојба што ќе води кон затворање и враќање на полицискиот час.
„Новозаразените се резултат на контактите што ги оствариле со заболените, но и при транспортот со автобускиот превоз што го користеле да стигнат на работа. Затоа, ја поддржувам одлуката за затворање на текстилните фабрики, која важи до 7 јуни, и да почекаме да видиме дали мерката ќе даде резултати. На денешниот состанок на општинскиот кризен штаб стана збор и за евентуално воведување карантин во градот, но јас реков дека сум против рестриктивни мерки и враќање на полицискиот час затоа што на тој начин ќе застане работата на транспортните и на другите компании воопшто. Сакам да додадам дека се врши секојдневна дезинфекција на градот, а сите општински институции во Штип се на располагање во борбата против коронавирусот. Ги повикувам граѓаните да бидат дисциплинирани за да се избориме со овој нов бран“, изјави Бочварски.
Според информациите од Центарот за јавно здравје Штип, од 27 нови случаи, 25 се текстилни работници, од кои 23 се од иста фабрика и по еден има од други две фабрики.