Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј.
„Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј. Ден посветен на словенските апостоли, заштитниците на Европа, кои ни оставија азбука, книги, но и животопис исполнет со давање и трпение, со скромност, благородност и непресушна верба.
И по повеќе од 11 векови од нивното земско битисување делото на Кирил и Методиј е се уште живо. Во 21 век, мајчиниот јазик и неговата употреба е основно човеково право кое е универзално почитувано. Од самиот почеток, како држава, се определивме да гледаме кон иднината, верувајќи во демократските вредности и работејќи за благосостојба на сите наши граѓани. И денес сме подготвени да подадеме рака и да го делиме местото под сонцето со сите и со секого, низ взаемно почитување, пријателство и градење заедничка иднина врз основа на демократските принципи зад кои безрезервно стоиме. Празниците во последниве месеци ги одбележуваме поразлично од изминатите години, соочени со предизвикот и опасноста од корона-вирусот. Да не дозволиме да не обземат стравот и малодушноста, да истраеме и опстоиме како одговорни и солидарни граѓани.Празниците нека ни бидат инспириција и дополнителна мотивација за да останеме дисциплинирани, внимателни и сплотени за да ја победиме пандемијата.Ви посакувам да го поминете празникот во мир, спокојство и радост.“, се вели во честитката на Пендаровски.