Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун изјави дека ситуацијата на Корејскиот полуостров е многу нестабилна и ја повика Северна Кореја да се врати на преговарачкиот стол.
-Го повикувам раководството на Демократската Народна Република Кореја да го промени курсот и да се врати на столот. Неодамнешниот развој на случувањата го зајакна меѓународниот консензус ДНРК да не биде прифатена како држава со нуклеарно оружје- изјави Бан .
Бан, кој некогаш беше јужнокорејски шеф на дипломатијата, изрази загриженост поради тензиите на Корејскиот полуостров, по неодамнешното лансирање на севернокорејските ракети, нуклеарниот тест, заканите и други провокативни постапки на Пјонгјанг и даде поддршка на предлогот на Сеул за преговори со Пјонгјанг за намалување на напнатоста.
-Цврсто верувам дека понудата за дијалог од Република Кореја е искрена и се надевам дека ДНРК ќе ја сфати сериозно.
Како генерален секретар на ОН, ќе продолжам со напорите на олеснување на конструктивниот дијалог, истакна Бан.
Елена Георгиевска