Премиерот Оливер Спасовски, министерот за образование и наука Арбер Адеми и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, во име на Владата на Република Северна Македонија, по повод државниот празник 24 мај – „Св. Кирил и Методиј“ Ден на сесловенските просветители, денеска положија цвеќе пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј, во кампусот на универзитетот во Скопје.
Премиерот Спасовски и министрите Адеми и Апостолска имаа и кратка средба со ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски. На средбата му ги пренесоа честитките по повод државниот празник 24 мај – „Св. Кирил и Методиј“ Ден на сесловенските просветители, со порака за поддршка на автономноста на универзитетот како научна, високообразовна институција, кој обезбедува наставна, научна и апликативна дејност во природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените и хуманистичките науки и во уметностите, и која е посветена на негувањето и на интернационалната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ и на негувањето и промоцијата на културните вредности на другите етнички заедници во земјата, соопшти владината прес-служба.